Грците ја „Испразнија” Битола

/, Маркети/Грците ја „Испразнија” Битола

Грците ја „Испразнија” Битола

Претпразнична навалица на грчки туристи деновиве низ Битола. Потрошувачи од јужниот сосед примамени од пониските цени ги преплавија битолските супермаркети и бутици. Дуќанџиите тријат раце и проценуваат дека двојно е зголемена потрошувачката во однос на другите викенди. Пред Нова година најбарани се месото, пијалаците и градеробата.

Дневниот промет во саботата беше 200.000 денари. Најголем број купувачи беа Грци и претежно купуваа мелено, свинско и пилешко месо за новогодишната трпеза. Од тука со месо се снабдија дури и дел од рестораните во Лерин, кои ќе организираат новогодишна прослава. На грчка граница им дозволуваат да пренесат само 20 килограми храна, па кесите ги поделија со други сонародници, кои тој ден пазаруваа во Битола, вели Аце Митревски, месар од Битола. Битолчани се жалат дека во поголемите супермаркети поради грчките купувачи мораа да чекаат ред за да платат на касите.

Викендов беше полно во маркетите, плаќаат во евра, а со касиерите разговараат на македонски јазик. Тие пак на фискалните каси пресметуваат колку денари треба да платат, а потоа на страна им пресметуваат во евра. Иако е забрането во готовински промет да се плаќа со евра, во маркетите ги земаа девизите  раскажуваа повеќемина битолчани.

Со покуси ракави останаа само продавачите во зелените пазари. Тезгаџиите се жалат дека грчките државјани се поретко пазаруваат кај нив и дека се ценкаат. Купувачите, пак, реагираат дека не е ни чудно кога пред празниците по пазарите има „изгор” цени на производите.

Кога овие цени станаа превисоки за купувачите од Грција, можете да замислите како ние се носиме со нив. Еден килограм краставици е 140 денари, костени над 200 денари, килограм јаболка е поскап од банани. Јаболката се 50 денари, а бананите 40 денари  реагираат битолчани.

Дел грчки посетители за новогодишната вечер се облекоа во Битола. Претежно се продаваа вечерни тоалети и чевли. Но и грчките државјани погодени од економската криза ги посетуваа бутиците каде што има намалување на цените, а ги избегнуваа брендираните продавници каде што чизмите достигнуваат по 100 евра, а палтата и до 250 евра.

Чаршијата порано помалку ја посетуваа, пазаруваа на Широк сокак. Како што цените се зголемуваат таму, се пренасочуваат во други дуќани. Пред Нова година претежно бараа вечерни фустани, а за побогатите хит се палтата од новата линија на „Астибо”, кои чинат меѓу 10 и 12.000 денари. Но, интересно е тоа што и Грците почнаа да прашуваат дели можат да платат на рати, да се запишат, па да доплатат идниот месец. Велат дека секоја недела биле тука, но ние не можеме да им веруваме на збор, вели Весна Микаровска, продавачка од Битола.

[custom_frame_center]Грците ја „Испразнија" Битола[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 31.12.2012

Автор: Жанета Здравковска

By | 2012-12-31T07:37:18+00:00 31/12/2012|Македонија, Маркети|