Училишни автобуси за 23 општини

//Училишни автобуси за 23 општини

Училишни автобуси за 23 општини

Дваесет и три општини во Македонија ќе добијат по еден училиштен автобус од донацијата на НР Кина. Ова денеска со потпишување Договор во Владата го официјализираа вицепремиерката за европски прашања и национален координатор за странска помош Теута Арифи и претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа Коце Трајановски.

Автобусите се за превоз на ученици  во основните и средните училишта, пред се, за руралните средини, а производител е кинеската компанија „Јутонг“, која ги направи и двокатните автобуси за јавен превоз во Скопје.

– Потпишувањето на Договорот доаѓа во важен момент за нас зашто успехот на реформите подразбира посветеност, но и капацитет и знаење на што обрнуваме особено внимание. Образованието и вложувањето во младите генерации е врвен приоритет на Владата и мисија во чија реализација работиме заедно со нашите билатерални партнери и пријатели, истакна Арифи.

Реализацијата на ваквите проекти, додаде, зборува за целосната фокусираност на Владата кон конкретни и видливи резултати, како и за отворената соработка меѓу централната и локалната власт.

Според Трајановски, донацијата од Кина доаѓа во вистински момент, кога поголем број општини се соочуваат со недостиг на средства за надоместување на патните трошоци на учениците во поголем средни и основни училишта.

– ЗЕЛС и Министерството за образование и наука во изминатиот период посветија големо внимание за изнаоѓање адекватни решенија за санирање на овој предизвик. Затоа обезбедувањето на овие 23 бесплатни училишни автобуси и нивната распределба во засега најкритичните реони е значаен позитивен искечор во овој правец, рече претседателот на ЗЕЛС.

Тој потсети дека пред одреден период Владата донираше 10 училишни автобуси за руралните средини од кои еден беше наменет за Градот Скопје, за децата со посебни потреби. Како резултат на обновувањето на автобускиот возен парк, во Скопје, со одлука на градскиот Совет, 39 користени автобуси во периодот ноември-декември минатата година беа распределени по општините кои изразија интерес за добивање вакви превозни средства. Се очекува, информира Трајановски, Советот на Градот наскоро да одобри и нова донација за уште 40 користени автобуси кои исто така ќе бидат распределени по општините.

– Сите локални власти ги подржуваат активностите на Владата и МОН насочени кон обезбедување поквалитетно образование и во тој контекст правиме посебни напори за адекватно спроведување на префрлената надлежност. Нашите општински служби се залагаат за обезбедување што поадекватни услови за настава, а тоа воопшто не е лесно ако се има предвид дека повеќе од 30-ина години, пред почетокот на децентрализацијата, вложувањата во училиштата беа сведени на минимум, подвлече Трајановски.

На 25 ноември минатата година, Арифи и кинескиот амбасадор во Македонија Цуи Живеи потпишаа писма за примопредавање на училишните автобуси. Автобусите се обезбедени со грантови во вредност од милион евра. Имаат жолта боја и по 35 седишта. Претставникот на „Јутонг“ Патрик Јанг тогаш  информираше дека за овој проект компанијата била избрана на јавен тендер во Кина и дека пресудно било тоа што ги исполнувала нагласените услови – автобусите имаат заштитни автоматски врати, противпожарен апарат и сигурносен појас за секое седиште.

Имплементатор на проектот во Кина е националната корпорација за економска соработка со странство, а во Македонија е спроведен во соработка меѓу владиниот Секретаријат за европски прашања и Амбасадата на Кина.

Превземено: www.limbo.mk

By | 2012-03-05T07:51:42+00:00 05/03/2012|Образование|